Завршена е реконструкцијата на фасадата на Основното училиште „Стив Наумов” во Битола, со што значително се подобрени условите за учениците и наставниот кадар.
Инвестицијата изнесува над 7 милиони денари и е финансирана од Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука.
Со реализацијата на овој инфраструктурен проект училиштето доби нова енергетски ефикасна фасада со што значително се намалени трошоците за електрична енергија, вели директорот на Основното училиште „Стив Наумов“, Никола Пискачев.

„ОУ „Стив Наумов“ ја доби енергетски-ефикасната фасада. Таа инвестиција е над 7 милиони денари и е проект на училиштето во соработката со Општината и одобрен од Владата на Република Македонија во соработка со Министерството за образование. Со тоа училиштето „Стив Наумов“ добива комплетен проект за заштедување на енергијата, за подобри услови за работа на учениците и на вработените. Со проектот, добивме и проект за топлотни пумпи што значи зачувување на животната средина и подобри услови за работа и заштеда на енергијата“-изјави Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ Битола.

За енергетски ефикасната фасада изведбените работи во училиштето се одвиваа близу една година. Директорот Пискачев ја најави изградбата на новата спортска сала.
„Изградбата на новата спортска сала треба да почне во секој момент. Морам да истакнам дека во ова училиште учат 900 ученици, 70 години немавме никаква спортска сала, се зголемуваше бројот на часови, додека децата кога врнеше дожд и снег, наставата ја реализираа во училниците каде што играа шах, домино и други игри. Сега, со новата спортска сала ќе добиеме и нови шампиони, нови млади деца коишто ќе се занимаваат со спорт, а училиштето со тоа ќе заокружи една европска приказна на европско училиште како што би требало да изгледа. Имаме и фотоволтаици, произведената струја наменски ја користиме за училиштето и ние ги добивме сите инфраструктурни проекти што може да ги добие едно училиште. Имаме одличен наставен кадар и ученици кои на регионални, државни и меѓународни натпревари секогаш сме во првите три и мислам дека на ова училиште му претстои светла иднина“-додава директорот на ОУ „Стив Наумов“ Никола Пискачев.

Во Основното училиште „Стив Наумов“ во Битола настава посетуваат деветстотини ученици.

















