Офицерскиот дом во Битола, изграден во 1912 година, кој претставува споменик на културата, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, ова денеска на заедничка пресконференција го соопштија министерката за култура Костадиновска Стојчевска и градоначалникот Коњановски. Ваквата одлука ја донела Владата, на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство.

„Со одлуката обезбеден е највисок режим на заштита кој подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба, создавање на поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво, ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација, оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање. Со највисокиот степен на заштита, трајно ќе биде чуван овој редок и значаен архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување. А, со содржините кои почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на Широк сокак, како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава“, рече министерката Бисера Костадиновска Стојчевска.

Офицерскиот дом е репрезентативно место за битолчани и локалната самоуправа ќе продолжи да го негува и да го надополнува со нови содржини, рече градоначаланикот Коњановски.
„Како локална самоуправа практицираме Офицерскиот дом да биде репрезентативно место со кое се велича културата. Ова е место каде се одржува БитФест, односно битолското културно лето, а наскоро ќе биде и Европска Куќа. Ние ќе го надрградуваме ова место за да го добие целосниот сјај што го заслужува“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Министерката беше прашана како и кога Офицерскиот дом останал без заштита?
„Најверојатно заштитата на овај објект беше спуштена пред извесен период, пред неколку години. Добро се сеќаваме кога имаше еден обид за негова продажба како неидентификуван објект. Но после започнувањето на реконструтивната работа се подготви нов акт за ревалоризација за да се заштити онаков Офицерскиот дом какао што го гледаме денес“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Претходно беа усвоени ревалоризацијата на предметното добро од надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши Комисија формирана од Управата за заштита на културното наследство.

Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола доби средства од европските ИПА фондови. Вкупната вредност е 58.792.610 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони. Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиона денари во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.












