Над 48 милиони Французи со право на глас денеска може да гласаат во првиот круг на парламентарните избори за 577 пратеници, пишува Радио Слободна Европа.
Центристите на претседателот Емануел Макрон се надеваат дека после вториот круг, закажан за две недели, ќе освојат мнозинство за да ги спроведат реформите кои Макрон ги вети на почетокот на својот втор мандат во мај.
Според последните истражувања на јавното мислење, центристичката коалиција Заедно на Макрон и сојузот на левичарски партии предводен од лидерот на крајната левица Жан-Лик Меланшон ќе добијат приближно ист изборен резултат – меѓу 26 и 27 отсто.
За мнозинство во Парламентот се потребни 289 пратенички места.
Вториот круг треба да се одржи на 19 јуни. Првичните резултати на излезните анкети се објавуваат брзо по затворањето на гласачките места.












