Пекарската индустрија денеска се закани дека ќе престане со производството на леб доколку стапи во сила мерката за замрзнување на неговата цена, која во саботата ја најави министерот за економија Крешник Бектеши, за која рече дека нема да биде повисока од 33 денари за белиот и полубелиот леб.
На денешниот состанок компаниите членки на групацијата на мелничко-пекарската индустрија, како што соопшти нејзиниот претседател Горан Малишиќ, донеле едногласна одлука да прекинат со производството на леб од денот кога одлуката на Владата за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“.

„На состанокот на групацијата на мелничко-пекарската индустрија на кој беа присутни 32 индустриски пекарници од цела држава, плус беа присутни мали здруженија на пекарници од мали градови, донесоа едногласна одлука дека не се согласуваат со мерката за замрзнување на цената. Таа мерка ќе им донесе на пекарниците штета и ќе ги доведе до нивно идно затворање. Штетата во зависност од големината на индустриските пекарници би изнесувала од 3 до 15 000 евра на ден. Така што денеска се донесе одлука од сите едногласно и заедно со другите комори кои присуствуваа на состанокот дека дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во ‘Службен весник’ од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“,изјави Малишиќ.












