Пет барања до институциите изнесе денеска српскиот претседател Александар Вучиќ во говор на митингот „Не ја даваме Србија“ што се одржа во Белград.
Вучиќ на собирот рече дека „Движењето за народот и државата“ е потребно „бидејќи ни треба нова енергија и нова сила, нов план, не план до 2027 година, туку до 2035 година“.

„Бидејќи имаме арогантни локални функционери кои нема да разговараат со народот, ќе бидат заменети со оние кои сакаат“, рече Вучиќ.
Како прво барање Вучиќ нагласи дека надлежните обвинителства, треба да поведуваат соодветни постапки со цел да се воспостави редот и мирот во државата, а особено целосно почитување на Уставот и законот.
Тој рече и дека бара да се утврди правна одговорност на сите лица кои учествувале во, како што рече, вандалските напади и нападите врз граѓаните за време на нивните мирни собири во Србија, а особено да се откријат и казнат сторителите, поттикнувачите и помагачите на „дивјачките напади врз мирно собраните граѓани во Ниш на 21 март 2025 година“.
Тој исто така побара на секој ученик и студент да им се даде можност да оди на училиште и да учи ако сака.
Како четврто барање тој наведе дека бара да се откријат сторителите, поттикнувачите и помагачите во извршување на активности кои вклучуваат напади на витални државни институции и објекти и да се спречи преземање на такви активности во иднина.
„Како петто, да се спречи каква било активност што самоволно и незаконски ја парализира економската активност и ги спречува граѓаните да ги извршуваат своите животни активности на вообичаен начин, во согласност со јавниот ред во кој секој може да смета на фактот дека во едно демократско општество државата ќе ги заштити неговите витални животни интереси“, рече тој.












