Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ , Прилеп, изложбата ќе биде поставена до 7 август 2026.
-Идејата за реализација на мојот проект сé надоврзува на претходните изложби во кои основен материјал е дрвенеста вегетација. Се работи за трновити растенија кои и по бербата како сува материја ја задржуваат цврстата структура. Користењето и моделирањето со овој локален материјал има за цел да ја бара естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот. Нејзината применливост нуди можност за поблизок пристап кон уметничкото изразување кое поради растечките еколошки проблеми станува се порелевантно и социјалното ангажирање. Ликовната изведба се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на структуралните површини со точно одредените визури. Како инспиративен момент за мене е пејзажниот знак, кој и претходно бил својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Ликовните фасцинации на вегетацијата карактеристична за нашето подневје во овој проект нема само декоративна функција, туку ќе претставува конститутивен елемент за мојата ликовна интерпретација. Живееме со технологија која ни нуди информации на дневна основа за уметноста и уметниците во целиот свет. Но како поминува времето со тоа и побогатото искуство, мојата анализа и инспирација е насочена кон моето блиско опкружување, култура и традиција – вели авторот Атанас Атанасоски од Прилеп.












