Oрганизаторот на БитФест и новиот реализатор на целиот Фестивал од годинава вчера одржаа прес конференција со која го најавија крајот на културниот фестивал за оваа година што ќе се официјализира в сабота, на 29 август. Но, иако нивната оценка е дека БитФест бил успешен, недостигаат информациите за потрошените пари, како би се потврдила оценката „успешен“.
Ниту прес за крај ни најава за концерт. Вчера градоначалникот и директорот на КИЦ одржаа прес конференција со која го најавија завршниот настан на овогодишнитоп БИТФЕСТ – концертот со кој се одбележува 3 децениската работа на групата „Фолтин’.
И, во присуство на членовите на групата, се самопофалија. Рекоа дека во изминатите два месеци биле организирани 70 настани и регистрирана бројка од 21.000 посетители. Дека КИЦ се покажал како сериозна институција од културата и си самочеститаа на добрата организација на настани и летни фестивали кои се случуваат во живо, пред голем број на публика и за кои сведочат и туристи.
И толку.
На прес конференцијата не се слушна информација за пари, колку пари од парите на граѓаните беа потрошени. Изостана конкретната информација за тоа колку чини Битфест 2026.
Да се поканат, изберат на конкурс, испланираат, организираат и реализираат 70 настани од областа на културата, меѓу нив и повеќедневни фестивали на отворено на повеќе локации низ градот, не е мала работа.
Но, бројот на настани сам по себе не е критериум за квалитет. Најпрвин затоа што од кога почна БитФест се поставува дилемата колку од настаните / фестивалите биле постоечки и финансирани од министерството за култура или други владини агенции, а се ставаат под капата на БитФест.
Засега имаме информација за бројка на настани и посетители, пофалба од градоначалникот, оценка дека е успешен.
Немаме – колкав бил вкупниот буџет на БИТФЕСТ, колку чинел секој настан, колку средства обезбедила Општионата, колку дошле од Министерството за култура или други извори, колку биле сопствените приходи на општината, колку пари биле дадени за хонорари , колку чинела продукцијата , техниката, сцената, обезбедувањето, промоцијата, логистиката.
Оттука Тера Телевизија до Општина Битола и КИЦ достави барање за информации од јавен карактер со следните прашања :
1.Колку точно чинеше овогодишниот БитФест, односно колку средства од буџетот на Општина Битола беа издвоени за неговата реализација?
- Колку средства успеавте да обезбедите од спонзори и други извори надвор од општинскиот буџет?
- Дали конечниот трошок е веќе познат или по завршувањето на фестивалот очекувате дополнителни фактури и обврски?
- Колку од вкупниот буџет отиде за хонорари на изведувачи, а колку за продукција, техника, организација, промоција и други трошоци?
- Дали сте подготвени по завршувањето на фестивалот јавно да ги објавите сите трошоци, договори со изведувачите и финансискиот извештај за БитФест?
- Овогодинешниот организатор на БитФест, ЈОУ КИЦ, не ја откри стручната комисијата што направи селекција на пристигнатите апликации за БитФест 2026. Кои беа имињата на лицата што ја носеа одлуката за програмата на фестивалот?
- Колку вработени и ангажирани по било која основа има КИЦ Битола?
- Бидејќи КИЦ Битола се финансира од парите на битолчани, дали ќе им наложите уште утре на својата веб-страница јавно да ја објават систематизацијата, имињата на вработените и нивните плати?
- Колку посетители имаше на овогодишните настани и дали Општината располага со конкретни податоци врз основа на кои ја оценува успешноста на фестивалот?
- Дали Општина Битола направи анализа на економскиот ефект од фестивалот, односно колку БитФест придонесе за угостителите, хотелите, приватниот сектор и туристичката понуда на градот?
Според Законот, овие информации Општина Битола треба да ги достави до ТЕРА Телевизија најдоцна за 20 дена.











