Шведската полиција соопшти дека покренала прелиминарна истрага за можна саботажа поврзана со истекување на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, откако сеизмолозите од Шведска и Данска соопштија дека забележале силни експлозии во областите во близина каде што биле пронајдени докази за истекување.

Портпаролот на националната полиција изјави дека шведската полиција „утврдила извештај и дека класификацијата на криминалот е груба саботажа“, пишува Радио Слободна Европа.

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак наведе дека пријавените истекувања на гас се „ништо повеќе од терористички напад планиран од Русија и акт на агресија кон ЕУ“.
Норвешкиот министер за нафта и енергија Терје Асланд изјави дека првичните информации добиени за протекувањето укажуваат на „акти на саботажа“. Исто така и шведската премиерка Магдалена Андерсон и нејзината данска колешка, Мете Фредериксен, изјавија дека инцидентот најверојатно бил „намерен“, но сметаат дека не претставува воена закана.

Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека ,,ниту една опција не може да се исклучи во моментов“.












