Околу 24 часа по уривањето на зграда во центарот на Марсеј, службите за итни случаи синоќа пронајдоа двајца мртви под урнатините. Со оглед на тешката состојба, извлекувањето на телата ќе потрае, соопштија француските медиуми, пишува Дојче Веле.
Според информациите, во урнатата зграда живееле осум лица. Градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан, изјави во неделата вечер дека сè уште има надеж да се спасат живи луѓе од под урнатините, но таа е многу мала.

При уривањето на четирикатната зграда на улицата Тиволи во петтиот арондисман во Марсеј, беа урнати и делови од две соседни згради. Неколку часа подоцна една од оштетените згради целосно се урна. Причината за уривањето најверојатно е експлозија на гас.












