Србија деновиве се соочува со големи проблеми предизвикани од поројниот дожд, а вонредна состојба е прогласена во 35 града и општини, јавуваат српските медиуми.
Водата го однела мостот во градот Адрани кај Краљево, сообраќајот кон Чачак е во прекин. Пожарникарите и спасувачите се на терен низ цела Србија.
Поради обилните врнежи од претходните денови надојдени се сите водотеци во Краљево, предизвикувајќи големи штети на сообраќајната инфраструктура, пишува порталот 360 степени.
Драматични се сцените речиси во сите градови на округот Расин, каде што од синоќа се води борба со новите врнежи и поројни дождови, додава порталот.
Потопени се населените места кон Доња Жупа, од Велика и Мала Врбница кон Александровац. Машини и членови на Итниот штаб и со мештаните се обидуваат да спасат што може да се спаси. Во оваа општина од 6 јуни е во сила вонредна состојба. Уништени се локални патишта.













