Постојаните врнежи од дожд во делови од Хрватска предизвикаа излевање на реката Зрмања преку заштитниот ѕид во областа на градот Обровац, а реката Отуча се излеа од коритата во општина Грачац на југозападот на Хрватска. Во овие делови од Хрватска испратени се пожарникари и припадници на планинарската спасувачка служба кои со чамци помагаат во евакуацијата на жителите.
Од планинарската спасувачка служба велат дека во центарот на општина Грачац водата навлегла во многу куќи и дека четири семејства се евакуирани.
Раководителот на Цивилната заштита на општина Грачац, Наталија Турбиќ, рече дека поплавата настанала поради излевање на реката Отуча, издигнување на подземните води и обилните врнежи од дожд, а голема површина од општината што е на пониско ниво е под вода.












