Поранешниот политички лидер на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов почина во 92 година.
Михаил Сергеевич Горбачов е роден на 2 март 1931 и беше политички лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.
Неговиот обид за реформи доведе до крај на Студената војна, но доведе и до крајот на врховната политичка власт на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и до распадот на СССР.
Беше награден со Нобелова награда за мир во 1990 година.
Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство поради смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, објави синоќа Кремљ.
– Владимир Путин го изразува своето најдлабоко сочувство по смртта на Михаил Горбачов и утринава испрати телеграма со сочувство до неговото семејство и блиските, информираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изрази „длабока тага“ и го нарече Горбачов „уникатен државник, кој го промени текот на историјата“.
„Направи повеќе од кој било друг, за да поттикне Студената војна да заврши на мирен начин“, пишува во соопштението на Гутереш.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го опиша Горбачов како „водач кој беше достоен за доверба и почит“.
Последниот советски лидер „одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е наследство што нема да го заборавиме“, напиша таа на Твитер.
Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Горбачов за „ангажманот за мир во Европа“.
Според Макрон, „тој е човек на мирот, чии избори го отворија патот кон слободата за Русите“.
– Неговиот ангажман за мир во Европа ја промени нашата заедничка историја, додаде Макрон.
Британскиот премиер на заминување, Борис Џонсон ги поздрави неговите „храброст и интегритет“.
„Многу ме натажи веста за смртта на Горбачов. Секогаш се восхитував на неговите храброст и интегритет што ги покажа при завршувањето на Студената војна“, објави тој на Твитер.
Џонсон додаде дека во моменталната агресија на Путин во Украина, „неговата неуморна посветеност на отворањето на советското општество останува пример за сите нас“.












