ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕЗЕНТИРАНА ИЗЛОЖБАТА „ДОЗВОЛИ ДА ЛЕТНЕ КО’ПИЛЕ“ ВО ПРИЛЕП

Изложбата  „Дозволи да летне ко’пиле“ на Сокол Марковски беше презентирана Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп. Истата се однесува на невидливоста на одредени категории лица, во конкретниот случај напуштени деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација.

Маргинализираните групи деца вообичаено се оние на кои поради неможноста да растат и да се развиваат во сопствено семејство, повеќе или помалку, им е ускратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права. Предрасудите и стереотипите, кои сè уште (изразено) постојат во нашето општество, претставуваат длабоко социјална проблематика и најчесто овие деца се третираат како речиси невидливи во општеството, односно се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање. 

Изложбата ја отвори  историчарката на уметност Викторија Димеска, која посочи дека црно белите портрети на маргинализирани и заборавени лица се неми погледи исполнети со страв и искривени од гнев, изработени во различни техники.

На изложбата беа презентирани  30-тина дела, изработени во 2022 година во техниките масло на платно, масло на плексиглас и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.

Сокол Марковски преку оваа изложба (и претходната „Рак не е само хороскопски знак“) ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во чија основа се наоѓа борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција. Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг.

Сокол Марковски е роден 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година. Тој донираше свое дело во хуманитарни цели за погодените во земјотресите во Турција и Сирија.