Во Фоајето на НУ. Центар за култура во Битола, беше отворена ликовната изложба „Парчиња живот“ од Бојана Артиновска. Изложбата е составена од повеќе од 100 мали формати, изработени во различни техники цртеж, акрил на хартија, акрил на платно и масло на платно. Според ликовниот критичар Владо Ѓорески, секое дело е фрагмент од патот на самооткривање и раст, и преку нивното внимателно поставување во оваа изложба, се рефлектира сложеноста и убавината на обичните моменти кои подсвесно го обликуваат животот.

„Животот, како уметност сам по себе, е составен од различни „парчиња“ кои заедно формираат уникатно и значајно искуство. Оваа изложба е посвета на тие „парчиња од животот“, гледани како уметност“, вели Ѓорески.

„Уште едно парче откинато од животот е изложбата на Бојана Артиновска. Изложба која зрачи со женска енергија и емоција, изложба која раскажува приказна за навидум малите но всушност најубави мигови во животот на еден човек. Се радувам што ова е наша прва соработка и се заблагодарувам на Министерството за култура за тоа што ја препозна оваа изложба како проект од национална важност во годишната програма на Центарот за култура Битола за 2024 година. На Бојана и посакувам да не го запира творечкиот процес и повторно да се гледаме на некои следни изложби“ – рече директорката на НУ Центар за култура – Маја Андоновска Илијевски.

Бојана Артиновска создава сликарство кое се движи, пулсира, вибрира, се развива, се мултиплицира, низ специфична, оригинална и директна ликовна постапка.
Таа е ослободена од сите наметнати канони, од сите оценки и анализи за тоа што е добро што не е, таа создава искрено, директно, непрекината, движејќи се исклучиво по својот внатрешен глас. Тоа најмногу ја доближува до елементарното исконско и единствено вистинско создавање а тоа е сликање, цртање, кроки бележење во вид на секојдневен сликарски дневник без разлика како и кон што е насочен, без разлика зошто, кому, колку. Тоа е говор без интерпункција, без „рационална“ пресметлива пауза за разубавување или рационално додавање и стилско препознавање.

„Ова е феноменот на нејзината најнова изложба: пристап кон бележење на ликовноста на директен начин, непрекинат и постојан, како внатрешен говор и монолог пред светот и световите. Тоа е она детското што секој сликар би требало да го носи во себе. Тоа секојдневно бележење низ своевидниот дневник или сликарски „хербаариум“ е суштинската порака до сите нас. Феноменот на оваа изложба не е само создавање на дела кои се во некаков општествен контекст, ова е изложба која би требало да го пробуди тоа детско во нас, да ја открие, да ја иницира нашата заборавена, негирана, омаловажена креативност“, додава Владо Ѓорески.












