Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворена изложбата “Персона” од Филип Цакоски. Младиот уметник на првата самостојна изложба во родниот град се претставува со 11 скулптури, преку кои се прикажуваат персони и сенките кои ги носат, а пораката е за воочување на скриеното во секого.
Изложбата ја отвори Филип Димкоски, поет, кој посочи дека поставката треба да се гледа како можност да се види личноста со својата посебност и своето достоинство.

„Изложбата е(втор дел) на концептот „Обвивки“ -2021, продлабочување во битието позади физичкиот изглед и како човекот се претставува. Внатрешните потреби, пориви, скриени или навидум заборавени желби, фантазии и незадоволства- како сила која во позадина управува со нашата личност (персона) која ја креираме пред другите. Ако во првата изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не ни даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство“, истакна Димкоски.

Филип Цакоски, е роден 1998, во Прилеп, и е дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класа на проф. м-р Жарко Башески.
Член на ДЛУМ од 2020 година, учесник на повеќе групни изложби и настани, во и надвор од државата.
Неда Маретиќ













