Во полната сала на КИЦ Офицерски дом-Битола, се одржа првиот роденденски концерт на хорот БИТВОКС на школата Korunovska music &singing. Музика за душа, музика од душа на прекрасните гласови на хористите, но и нивните наследници кои беа гости на концертот Тин поп рок хорот.

Водени од професионалниот ангажман на бендот составен од професори, но и ученици музичари, со оригинални аранжмани направени од неуморниот и бескрајно креативен дух на професорката Александра Ристовска а под музичко раководство на диригентката Марина Коруновска, срцата на присутните пулсираа во ритамот на едни од најубавите песни во поп рок жанрот , со примеси на гранџ, алтернативен рок, но со посебен аранжмански шмек, звукот на сите декади од поновата музичка историја провејуваше низ воздухот.

„Битола е музички град, кој негува секаков вид на музика. Нашата идеја беше да донесеме освежување и на хорската и на поп-рок сцената воопшто. Мислам дека “Битвокс” е една успешна симбиоза“, изјави диригентката Коруновска.
На репертоарот се наоѓаат поп рок песни од англиско, македонско и српско говорно подрачје, а имаат во план репертоарот да биде збогатен и со хрватски, германски, италијански, шпански песни. При изборот на песни пред сé се водат од квалитетот на музиката, можноста да се направи добар аранжман на истата, па потоа доаѓа разновидноста во однос на јазикот.

„Во хорот може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност, која ја проверуваме преку кратка аудиција“, додава Коруновска.
Таа е директор на центарот за музичка едукација Korunovska singing & music, ( Детски хор “Ѕвончиња”, “ТEEN Ѕвончиња”, Камерен хор “ Мелодиум”, Хор при словенечкото здружение “Триглав”, Поп – Рок хор за возрасни BITVOX).
Ако судиме по реакциите од роденденскиот концерт на Битвокс, Битола и Македонија ја очекува незаборавно и оригинално хорско музичко патување во иднина, на музичката сцена.












