После една недела пауза поради деновите на жалост во Македонија поради трагедијата што се случи во Кочани, Битолскиот театар продолжува оваа недела со изведба на редовниот репертоар.
Денес на сцената ќе биде изведена претставата „Жиголо“ праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски, во режија на Благој Мицевски, која ќе се изведе и на 28.март, во среда на 26-ти ќе се изведе „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Драгана Милошевска Попова, а во сабота претставата „Хамлет денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак.
Светскиот Ден на театарот на 27- ми март, ќе се одбележи со изведба на претставата со која беше одбележан и 80 годишниот јубилеј на Битолскиот театар, „Ѓоре Магаревски“ во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски. Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат актерите од НТБ, Марјан Ѓоргиевски кај режисерот Благој Мицевски, Александар Димитровски кај Софија Ристевска, и Никола Пројчевски кај Јован Ристовски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, Андреј Папаз Ѓоргиевски, драматург Билјана Крајчевска, светло мајстор Игор Мицевски, Горан Петровски, тон мајстор Александар Димовски, шминка Стефанија Илиевски, видеооператор Владимир Переловски, автор на плакат Сашо Илковски, инспициент Димитар Михајловски.
Влезниците за оваа претстава ќе бидат по цена од 100 денари, а целиот приход од продадените влезници ќе биде наменет за настраданите во Кочани. Ќе бидат прочитани и пораките по повод Денот на театарот, светската ќе ја прочита Ана Грамосли, а македонската Никола Стефанов.
Се работи за првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година. Тогаш беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.












