ТЕРА

REKLAMA???

ПРОДОЛЖИ РАЗМЕНАТА НА ОГАН МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ХАМАС, БРОЈОТ НА ЖРТВИ РАСТЕ

Најмалку 300 лица загинаа, а над 1.590 се ранети во вчерашниот голем утрински напад на милитантите од Хамас од Појасот Газа врз израелска територија, наведуваат израелски медицински извори, пренесе ДПА.

Во појасот Газа, од друга страна, во вчерашните израелски одмазднички напади загинаа најмалку 232 лица, а се ранети речиси 1.700 Палестинци, наведе палестинското Министерство за здравство.

Палестинската милитантна организација Хамас, пренесува ДПА, вчераутро истрела повеќе од 3.000 ракети кон Израел, повикувајќи се на израелската армија, која додаде дека вооружените Палестинци упаднале во Израел по копно, море и воздух.

И синоќа имаше силни ракетни напади во неколку израелски градови, вклучително и во Тел Авив.

ДПА пренесува дека некои од палестинските милитанти се забарикадирале во куќи со израелски заложници, а, според воените извештаи, неколку Израелци биле однесени во Појасот Газа.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху рано утрово изјави дека неговата земјата почна долга и тешка војна и дека првата фаза ќе биде завршена во наредните часови.

„Првата фаза завршува во овие часови со уништување на поголемиот дел од непријателските сили кои навлегоа на нашата територија. Во исто време, започнавме офанзива и тоа ќе продолжи без резерва и без одмор, до постигнување на целите. Ќе ја вратиме безбедноста на граѓаните на Израел и ќе победиме“, истакна Нетанјаху по состанокот на Владата.

Меѓу одлуките донесени од кабинетот за безбедност е и прекинот на снабдувањето со електрична енергија, гориво и артикли на Појасот Газа.

Израелската Влада одобри уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас.

Израелските власти соопштија дека при напад врз Појасот Газа уништен е штабот на директорот на разузнавањето на Хамас.

Израелските воздухопловни сили објавија дека нивните воени авиони погодиле „комплекс кој припаѓа на директорот на одделот за разузнавање на терористичката организација Хамас“.

Палестинското национално ослободително движење Фатах, на палестинскиот претседател Махмуд Абас, ги повика сите Палестинци да се приклучат на сеопфатниот напад и да го ескалираат судирот на сите фронтови во одбрана на палестинскиот народ и неговото право на слобода, државност и независност.

„Израелските окупатори продолжуваат со својата агресија и злосторства против нашиот народ и нивните исламски и христијански светилишта и продолжуваат со жестокиот напад врз нашите затвореници и заробеници, додека меѓународната заедница молчи“, се наведува во соопштението, пренесе палестинската агенција ВАФА.

МИА