Во Собранието денеска треба да продолжи расправата за изборот на новите министри за правда, за здравство, за информатичко општество и за животна средина и просторно планирање.
За министер за правда е предложен Кренар Лога, за министер за здравство Фатмир Меџити, за министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за министер за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Дебатата траеше до два часот по полноќ, а претседателот на Собранието Талат Џафери го закажана продолжението за денеска во 12 часот.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, се обрати во Парламентот, на седницата на којашто на дневен ред е Предлогот за избор на членови на Владата.

„Почитувани граѓани, го зголемуваме парламентарното мнозинство, формираме нова, постабилна и поуспешна Влада и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри.
За да можеме во оваа 2023 година, да продолжиме да работиме како што ветивме и како што остваруваме.
За да можеме веќе следната недела да констатираме нов пораст на минималната плата од над 20.000 денари. За да констатираме дека го исполнивме даденото ветување и многу порано, за просечна плата над 34.000 денари.
За да констатираме факт дека пензиите во март ќе пораснат за 8,4 дополнителни проценти.
За да продолжиме со инвестициите во патната и железничката инфраструктура и особено важно, да ја започнеме изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
За да постигнеме рекордно високо ниво на капитални инвестиции, да го исполниме ветувањето за дополнително зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста.
За граѓаните да видат дека во 2023 година ќе се инсталираат обновливи извори на енергија од 300 мегавати – и преку домашните инвеститори, но и преку влезот на светски реномирани компании од Германија и Франција.
Е затоа државата е поддржана од европските пријатели и партнери и на политичко и на економско ниво. Затоа нашиот кредитен ризик е намален и меѓународните инвеститори веруваат во економијата, во политиките, во иднината на нашата држава.
Во единствената, европската иднина, за којашто и покрај сите блокади внатре и надвор, ние ќе продолжиме да ја создаваме сега, веднаш, со Европскиот сојуз, со Европската коалиција“ рече меѓу другото Ковачевски.

Слушнавме уште едно бесмислено експозе, за четири миниситри расправата е споена, премиерот требаше да каже зошто се прават овие промени, да поразговараме за стратегијата, зошто министрите си даваат оставка, зошто Кренар Лога ќе биде подобар министер или Фатмир Меџити, Азир Алиу или зошто Каја Шукова ќе биде подобра, но ништо од тоа не слушнавме. Само бесмислени аргументи, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на собраниската седница.
Според Лефков добиваме министри кои ќе имаат изговори зошто не се направени промени затоа што ќе биде кратко времето, а во меѓувреме ќе сведочиме на криминал.
„Ќе има само изговори дека времето е кратко, а тоа веќе го видовме. Во меѓувреме има само злоупотреба на функциите за компаниите на свои блиски лица да можат да остваруваат добивки. Сведочиме на корупција, сомнежи за јавните набавки, како се спроведуваат, а кога ќе дојде ред за објаснување, низа од дијалози кои немаат суштинско значење“ изјави Лефков.
Тој нагласи дека наместо предлози за спроведување програма ова се предлози за злоупотреба на терминот европски.
„Вашиот начин на промоција на европски вредности е елитистички и ексклузивна промоција само за богатење на ваши блиски лица, а во меѓувреме речиси е невозможно да започнат одредени реформи и истите да бидат истерани до крај. Ваквиот начин на „пазар 3 коалицирање”, цела јавност сведочеше како се пазаревте за министерски и директорски места за ден повеќе власт за трошење народни пари“ истакна Лефков.
Седницата за реконструкција на Владата започна на 13 февруари.












