Синоќа во Офицерски дом во Битола пред голем број присутни беше промовирана најновата книга посветена на спортот во Битола, „Гимнастиката во Битола“ на Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското и македонското новинарство, кој неодамна наполни 80 години. На промоцијата зборуваше градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, претседателот на ФГСМ, Љупчо Арнаудо и рецензентите Ѓуро Илиќ, Сашо Ристевски и д-р Марјан Танушевски.
Авторот на книгата ја користи следната периодизација, турска управа 1912-1941, српска и бугарска управа и периодот на ослободувањето до осамостојувањето на Македонија и времето оттогаш до денес. Миновски на промоцијата рече:
„Во овој труд ќе ги поместиме позначајните моменти од кои сепак може да се проследи појавата, развојот и унапредувањето на гимнастиката, како во Македонија, така и во Битола“.
Ова е 21 книга на Миновски, а покрај историјата на спортовите во Битола, боксот, ракометот, атлетиката и гимнастиката, има и романи кои го обработуваат средниот век во Битола, одбраната на Битола од Турците, како и авантуристички дела.












