Во Бигорскиот манастир беа промовирани две книги на авторката Билјана Андоновска од Битола.
Промоцијата се одржа во просторната одаја за свечености во манастирот, во присуство на игуменот на манастирот, епископ г. Партениј, архимандрит Доситеј, монасите и монахињите, како и голем број верници и љубители на убаво напишаниот збор. Беа промовирани романизираната биографија на преподобниот Јоаникиј Ракотински” Со вера и трпение, до чудесни исцеленија” и поетската збирка “Каде е Бог?”.
На промоцијата се обрати и Епископот г. Партениј: „Како домаќин на оваа промоција, сакам да ја изразам својата огромна радост и задоволството, што денес го промовираме првиот роман посветен на Свети Јоаникиј Ракотински. Па така, уверен сум дека тој ја избрал нашата Билјана, за да и говори во срцето нејзино, та таа да го напише овој прекрасен роман“.

Промотори на промоцијата беа писателката Вера Благојевиќ, која е и автор на освртот за книгите, и легендата на македонската музика, Драган Мијалковски, кој изведе неколку песни и ги прочита рецензиите на книгите. Во освртот за книгата Со вера и трпение, до чудесни исцеленија Благојевиќ, меѓу другото, ќе напише: „Овде во овие редови подолу, молитвите и солзите на светиите и мачениците, минуваат низ срцето на авторката Билјана Андоновска. Тоа се гледа во овој ракопис, кој е толку сликовито и со многу чувства пишуван. Слободно можам да кажам дека овој ракопис, според мене е ремек-дело. Романот на Билјана Андоновска има опоен мирис на сув босилек и додека го читав, како да го почувствував и мирисот на темјанот од црковните кадилници. Љубовта на авторката е и моја љубов, нашата убава православна вера, црквите и манастирите и сите наши светии“.

Во своето обраќање до присутните, авторката Билјана Андоновска, меѓу другото, рече:„ Како голем љубител на читање книги читав секаква литература, но кога почнав да читам православна литература, и кога видов каква убавина и каква среќа е тоа, јас веќе не ни погледнав ниедна книга од друг жанр. Тлееше долго време желбата да напишам роман, но ете Божја промисла било да се случи токму сега и токму за Св. Јоаникиј Ракотински. Овој роман го замислив како сликовница за возрасни. Во романот се трудев да пишувам што поедноставно, воопшто читателот да не се труди да чита помеѓу редови. Првенствено овој роман е наменет до читателите кои не се доволно запознати со прекраснотиите на нашата православна вера. До луѓето на кои табу тема им е монаштвото. До сите тие кои се прашуваат зошто некои луѓе се одлучуваат да заминат во манастир и да станат монаси. И целта на овој роман е што повеќе луѓе да се приближат кон нашата најпрекрасна православна вера“.
Во текот на промоцијата, исто така, беа прочитани извадоци од романот за Свети Јоаникиј, како и неколку песни од стихозбирката.













