ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОЦИЈА НА ДВЕ КНИГИ НА НАТАША ДИДЕНКО ВО БИТОЛА

Во Центарот за култура – Битола, се одржа промоцијата на книгите „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947 – 1952)“ и „Развојот и дејноста на музичките културно – уметнички организации и манифестации во Македонија“ на доц. д-р Наташа Диденко која се одржа во рамките на Илинденски денови.

Книгата „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947 – 1952)“ претставува прво монографско претставување за овие фолклорни фестивали, организирани по повод одбележувањето на важниот меѓник познат како „Денот на востанието на Македонија“ или „Денот на народното востание на македонскиот народ“, но и како државен празник „11 октомври“. Во современата македонска држава, биле организирани како први музички фестивали од областа на фолклорното творештво во 1947 година во градовите Битола и Штип, а од 1948 година се одржувале во Скопје.

Книгата „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија“, произлегува од неколкугодишни проучувања на темата, којашто има значајно место во проучувањето на културната историја на Македонија. Содржи 281 страна, 970 фусноти низ кои се претставени научни резултати за една досега малку обработувана тема во нашата наука. Книгата во целина ги задоволува научните критериуми и дава свој придонес за проучувањата на културната историја на Македонија.

Диденко ги елаборира музичката култура и значењето на фолклорот, претставени низ сублимирани согледувања на развојот и улогата на музичката култура низ историјата од античко време до создавањето на македонската држава, значењето на фолклорот во културните процеси на Македонија, како и музичките културно-уметнички организации како форми на практикување на фолклорот.