Најмалку шест луѓе загинаа во денешниот руски ракетен напад на Украина. Жена и нејзиното тригодишно дете загинале во Днепар, а четворица цивили загинале откако била погодена деветкатница во градот Уман во централниот регион Черкаски, која притоа е тешко оштетена. Во нападот на Уман има и 17 повредени, соопштија локалните власти.
Главниот командант на украинската армија Валериј Залужниј соопшти дека во текот на изминатата ноќ кон Украина биле исфрлени 23 ракети, од кои соборени биле 21. Како што наведе Залужниј, соборени биле и два дрона.
Експлозии се регистрирани и во Кременчук, Миколаив и Полтава.
Шефот на градската воена управа изјави дека ова е првиот руски ракетен напад на Киев во последните 51 ден.












