Руската амбасада во Вашингтон ги отфрли како „неосновани“, тезите на портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, околу можноста за руско користење на хемиско оружје во Украина, јави агенцијата Тасс.
„Портпаролот на Стејт департментот зборуваше за можноста нашата земја да користи хемиско оружје во светло на наводните неуспеси на специјалната воена операција во Украина. Нед Прајс повторно настапи со празни реченици, што не ги поткрепи со ниту еден доказ“, објави руската амбасада.
Претседателката на парламентарната комисија за интеграција на Украина во Европската Унија, Ивана Климпуш, напиша на Твитер дека руските сили денеска употребиле „непозната супстанција“ во Мариупол. Се тврди дека „најверојатно е хемиско оружје“.
„Супстанцијата беше дистрибуирана со дрон, а жртвите имаат отежнато дишење и вестибулоцеребеларна атаксија“, пишува Киев индепендент, повикувајќи се на извори од батаљонот Азов во Мариупол.












