ТЕРА

REKLAMA???

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНИ 63.СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Со поетското читање „Меридијани“, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга познат и како Домот на поезијата, започна 63. издание на Струшки вечери на поезијата. Церемонијата на свеченото отворање се одржа во големата сала на Центарот, со специјално подготвена сценографија од ОТП студио, преку поврзување на главната со летната сцена. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за мултимедијални настани од различен вид. Последен пат, ова е направено пред повеќе од 30 години.

На отворањето настапи пијанистот Дино Имери, поетската порака ја прочита поетот Веле Смилевски, а Фестивалот за отворен го прогласи министерот за култура, Зоран Љутков. Во рамките на поетското читање „Меридијани“ свои стихови прочитаа: добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

Лауреатот посочи дека е почестен што го добива ова почесно признание од областа на поезијата, на светско ниво. Жан-Пјер Симеон е поет, драматург и есеист, е роден на 6 мај 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е основач на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1987 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на „Printemps des poètes“ (Поетска пролет). Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар „Вилербан“. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во „Gallimard“ (Галимар). Жан-Пјер Симеон е одликуван со следните ордени: Витез во Редот за национални заслуги, Командант за заслуги во Редот на уметностите и книжевностите, и Витез за заслуги во Редот на академските палми.

Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавината“.

„Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и рељефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. Годинешното мото е преточено во промотивно видео што го изработи ЗООТРОП студио“, велат од СВП.

Годинешното издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржи до 26. август.