Со доделување на признанијата на истакнати поединци во филмската уметност свечено беше отворено 8-то по ред издание на Интернационалниот филмски фестивал „Балканска панорама“ во измирската општина Буча, Турција. Овој фестивал кој во својот советодавен одбор има уметници како Милчо Манчевски, Раде Шербеџија и легендата на турскиот театар Едиз Хун, се фокусира на балканското филмско остварување.Унгарија е годинешната земја во фокус, а присуствуваат филмски уметници од балканскиот регион.
„Балканска панорама“ е мост на соработка на поле на филмската уметност помеѓу Турција и Балканот. Основач и директор на фестивалот е Сали Салини.

На доајенот на македонската театарска и филмска уметност, Мето Јовановски му беше доделено признанието „Почесен гостин на фестивалот“ за допринос кон филмската уметност .Тој ги поздрави присутните и истакна дека е почестен со ова признание .
За крај Јовановски истакна дека „ Филмот ја возвишува човековата душа“.

Во негова чест за време на фестивалот на повеќе локации се прикажува филмот „Тетовирање“.
Признанието на Јовановски му го врачи заменик министерот за култура и туризам Ахмет Мисбах Демикран, кој истакна дека Македонија и Турција отсекогаш имале одлична поврзаност и соработка, а ова признание доделено на Јовановски е уште еден доказ за тоа.

„ Како што може да видите овие сите држави имаат многу заеднички работи а нам како министерство исклучително ни е важно тие култури да се спојуваат и таа соработка да трае што подолго.Посебно кога филмската уметност е во прашање тоа добива значење на едно повисоко ниво и затоа ние како министерство го поддржуваме овој фестивал“, изјави Демикран.
Дел од македонската делегација на свеченото отварање на фестивалот беа и Директорот на кинотеката на Македонија Владимир Ангелов и професорот и актер Атила Клинче.
„Големо е значењето наш актер да добие признание на интернационалнен фестивал“, истакна Ангелов.
Директорот на фестивалот Салини за наградата за Мето Јовановски истакна:
„Мене ми е посебно драго што токму тој го доби ова признание и во негова чест за прв пат во Турција ќе го прикажеме филмот Тетовирање.Јас мислам дека Јовановски не е само реномиран македонски актер туку и еден од најквалитетните актери на Балканот и дека тој без двоумење и тоа како го заслужува ова признание“.

Мето Јовановски е исто така и член на интернационалното жири за доделување на наградите во категоријата најдобар игран филм.
На свеченото отварање присутни беа бројни гости претставници на дипломатскиот кор во земјата, министерствата и општините, филмски институти.
Наградата „Жолт чадор“ која е симбол на овој фестивал ќе биде доделена во 11 категории, а победниците ќе бидат прогласени на 27 ми мај.
Филмскиот фестивал „Балканска панорама“ се одржува со поддршка на Министерството на култура и туризам на Турција, општина Измир и општина Буча.
После официјалниот дел на свеченото отварање за музичката програма се погрижи тамбурашкиот состав Ла Банда од Нови Сад Србија, кои имаат долгогодишна соработка со фестивалот.












