Властите во Пјонгјанг соопштија дека првото лансирање на нивниот воен извидувачки сателит било неуспешно и оти тој паднал во море, пишува Дојче Веле.
Северна Кореја претходно најави дека до 11 јуни планира да лансира сателит за следење на воените активности на САД, а сега објави дека ќе се обиде да изврши второ лансирање што е можно поскоро.
Лансирањето на севернокорејскиот сателит заврши неуспешно, со исфрлување на бустерот и на товарот во море, објавија државните медиуми во Пјонгјанг.
Новата носечка ракета „Чолима-1“ откажала поради нестабилност на моторот и системот за гориво, соопшти севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Неуспешното лансирање на севернокорејски сателит во раните утрински часови предизвика паника во Јужна Кореја и во Јапонија, каде што беа издадени воздушни предупредувања, но тие брзо беа откажани кога сомнителниот објект падна во морето.












