Со препознатливата за сите генерации песничка „Си до, до ре ми“, започна и годинешното 26 то по ред издание на детскиот фестивал Си-До. Денес, овој детски музички фестивал има значајно место во културниот живот на градот, како и кај многу поклоници на овој вид музика, посебно кај најмладите.
„Оваа година повторно се вративме во Центарот за култура. Претходните години заради пандемијата бевме обврзани да го правиме фестивалот на отворено. Среќен сум што сите фестивалски програми беа максимално посетени, се почувствува детската насмевка, се врати таа препознатлива еуфорија која е карактеристична за нашиот град за време на фестивалот и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи да се одржува и ќе имаме посетители дури и од другите градови“, изјави директорот на фестивалот Дарко Шерденков.
На годинешното издание беа изведени 19 нови песни, од кои две од гости од соседните држави Србија и Бугарија, кои го збогатија репертоарот. Песните се од различни жанрови, а децата кои настапуваат се од различни возрасни групи.
„Сакам да изразам голема благодарност за целата битолска публика која го сака и поддржува детскиот фестивал Си-До и посакувам оваа традиција да продолжи уште многу години“, истакна Шерденков.
Долги години дел од детскиот фестивал е и актерката, во овој случај водител на Си-До Маја Андоновска Илијевски која изјави:
„Со оглед на тоа дека јас растев со Си-До, можам да кажам дека ми е еден од омилените настани кои на годишно ниво ми се случуваат во Битола. Многу се радувам што сум дел од Си-До затоа што мислам дека е еден фестивал кој заслужува поддршка и фестивал кој има сериозна традиција, а ние битолчани мора да се трудиме да си го зачуваме“.












