ТЕРА

REKLAMA???

СЕ РАСКИНУВА ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДИНКАТА, НАПЛАТЕНА БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА

Градинката во АРМ вчера се најде на седницата на Советот на општина Битола. Потребна е измена на одлука за донација. На теран работите закочени, се почнало лани, но заради одредени работи, сумата се зголемила, преку анкеси , но веќе законот не дозволува и натаму да се склучуваат нови анкеси на овој договор.

„Градинката во АРМ беше почната минатата година во месец јануари. Уште на почетокот изведувачот наиде на проблеми каде што се појавија подземни води таму, застојот беше до 6-ти месец, не се потпишвал анекс на договор, подоцна бил потпишан анекс на договор, подоцна се продолжи уште еден месец со работа, меѓутоа побарал изведувачот уште еден анекс на договор, тој од претходната администрација не му бил потпишан. Кога дојде градоначалникот Тони Коњановски  во месец ноември беше потпишан нов анекс на договор, па се отпочна со нови градежни активности, односно таму од 23 до 27% се изведени работите, меѓутоа од страна на изведувачот до Општина Битола беа побарани дополнителни финансиски средсва коишто не можат да бидат исплатени согласно законските процедури. Се работеше за сума повеќе од 10 милиони денари кои што беа побарувани од изведувачот, а основниот договор беше 26 милиони денари и согласно законските процедури немаше таква можност да се зголемат цените на веќе понудените материјали за работа. Му беше дополнителен рок даден на изведувачот да ги изврши работите и согласно договорот требаше до 30 јуни годинава да биде завршен тој објект,“ вели Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Заради тоа, општината пред два дена ја наплатила банкарската гаранција и се раскинува договорот со изведувачот.

„Од страна на Општина Битола беше наплатена банкарската гаранција која што беше предвидена во договорот и тој договор ќе биде раскинат и ќе се распиши нов договор за јавна набавка, со цел да биде завршен тој објект во АРМ за да добиеме нова детска градинка. Дел од финансиските средства се од „Кромберг и Шуберт“. Во текот на минатата недела е склучен договор за продолжување на договорот со „Кромберг и Шуберт“ и се дадени дополнителни 18 месеци за да бидат изведени сите градежни активности за градинката во АРМ,“ додаде Бојкоски.

Од СДСМ велат дека не се важни финансиските средства, туку важно е да се изгради новата детска градинка за да можат што побрзо да се згрижат децата кои се на листа на чекање.

„ На комисија добивме образложение дека раскинувањето на договорот е од страна на изведувачот бидејќи побара да се прошират финансиските средства заради економската ситуација. Кога ние можиме да трошиме пари на скапи огномети за отворање на БИТ ФЕСТ, кога можиме да трошиме енормно големи финансиски средства на други луксузи кои почнува да ги ужива оваа локална власт, мислам дека сите можеме да се сложиме ние советниците, а и граѓаните, дека не се битни финансиските средства, туку битно е да што побрзо имаме нова градинка, за да тие 300 деца кои чекаат ги згрижиме“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

Објектот е предвиден да зафаќа површина од 2012 метри квадратни и ќе биде наменет за прием на околу 250 деца.