Во организација на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ денеска во Битола се одржа панел дискусија под наслов „Положбата на вработените во високото образование во РС Македонија“.
Ректорот на Битолскиот универзитет проф. д-р Игор Неделковски истакна дека соработката со Синдикатот е како што доликува во академската сфера.

„Синдикалното членство настапува академски, достоинствено, ги разбира проблемите што ги има Универзитетот и не бара она што народски би се рекло „преку леб погача“, туку гледа во рамките на расположливиот буџет максимално да се искористи за добробит на вработените, а наша обврска на раководствата е да бидеме крајно транспарентни, да секој вработен а посебно Синдикатот знае како се трошат финансиите што ги обезбедува Универзитетот“ изјави ректорот проф. д-р Игор Неделковски.

Претседателот на Унијата на синдикати во виското образование во Македонија проф. д-р Ангел Ристов на панел дискусијата истакна дека пред три години Синдикатот на вработените во УКИМ за првпат во историјата потпиша колективен договор со кој значително се подобри положбата на наставниот и ненаставниот кадар во Македонија.
„Во потпишувањето на нашиот колективен договор помогнавме и на останатите јавни универзитети да основаат синдикати што го направија истото, за да за покусо време се обединеме во една унија. Неодамна, и останатите 5 државни универзитети, нивните синдикати потпишаа колективен договор со Собранието и може да се каже дека последните две години имаме достоинствени плати во високото образование, сега останува на вработените со нивната работа да покажат и да докажат дека овие плати ги заслужуваат, се со цел да се подобри квалитетот во високото образование со пишување на трудови, книги, подобрување на квалитетот на студиските програми итн.-истакна на денешната панел дискусија професор д-р Ангел Ристов.

За претседателот на Синдикатот на вработените на УКЛО проф. д-р Саша Дукоски најголем успех на Синдикатот е што успеале да го формираат, и да се потпише колективен договор со кој се гарантирани платите на вработените и условите за работа.
„Најголемиот успех беше што успеавме да формираме Синдикат, да го регистрираме, да преговараме со Собранието на Република Македонија и да потпишеме колективен договор со кој се гарантирани платите на вработените, гарантирани усливите за работа на сите, наставен и ненаставен кадар и едноставно одиме по принципот на Европа, каде вработените ги претставува само Синдикатот и тој потпишува со основачот, и обезбедуваат плата и овозможуваат можности за работа“-рече проф. д-р Саша Дукоски.


Инаку, денешниот настан во Битола организиран од Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски” претставуваше и свечено одбележување на тригодишнината од официјалното формирање на Синдикатот.













