Само неколку недели по регионалната премиера, најновиот роман на една од најчитаните и најбараните авторки на овие простори, Јелена Бачиќ Алимпиќ, доаѓа и пред македонската публика. „Синот на кројачот” веќе се печати на македонски јазик и наскоро ќе пристигне во книжарниците на „Матица македонска”.
Станува збор за долгоочекуваното продолжение на бестселерот „Кројачот”, романот што освои десетици илјади читатели. Новата книга беше објавена во Србија на почетокот од јули, а уште во првите денови се искачи на првото место на листата „Топ 40 белетристика” на издавачот „Лагуна”.
„Синот на кројачот” ја продолжува судбината на семејството Бајер и ги отвора страниците што останаа неискажани во „Кројачот”. Во средиштето повторно се Олгица и Јакоб – сестрата и братот што животот, годините на разделба и премолченото минато долго ги држеле далеку еден од друг.
„Синот на кројачот” е возбудлива и длабоко емотивна семејна сага за изгубените години, простувањето и искупувањето; за љубовта што им се спротивставува на времето и на оддалеченоста; за храброста да се прифати сопственото минато и да се побара нов почеток. Со препознатливото динамично раскажување, Бачиќ Алимпиќ ги преплетува интимните човечки судбини со историските околности и создава приказна исполнета со драматични откритија, силни чувства и неочекувани животни пресврти.
Зад новата книга се крие и мошне лична приказна. Јелена Бачиќ Алимпиќ го довршувала романот по смртта на својата мајка, во еден од најтешките периоди од својот живот. На промоцијата во Белград таа откри дека токму љубовта и поддршката од читателите ѝ дале сила да го заврши ракописот.
Оттаму, особена длабочина во романот добиваат врските меѓу родителите и децата, копнежот по домот и болката по луѓето што нè поврзуваат со нашите почетоци. Тоа е и најинтимната нишка на книгата: сознанието дека животот е минлив, но љубовта што сме ја добиле и сме ја оставиле зад себе продолжува да трае.












