Со едно минутно молчење за жртвите од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија, започна денешната вонредна седница на Советот на Општина Битола.На неа беше изгласана одлуката за доделување на финансиска помош во висина од 500 илјади денари за настраданите од земјотресот во Република Турција и Сирија од Буџетот на општината Битола.

„ Општина Битола отсекогаш била солидарен град. Соработката помеѓу нас и Р.Турција отсекогаш била на највисоко ниво и наназад во историјата и денес. Ова е најмалку што можеме да направиме во духот на солидарноста, луѓето коишто се настрадани и луѓето кои им треба секаква помош, сметаме дека како општина треба да им излеземе во пресрет. Исто така знаеме дека од градот Битола и 5 мина спасители веќе се на пат коишто исто така ќе им помогнат во она што им е потребно на жителите од Турција“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Ова е најмалку што можеме да го направиме за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија, рече советникот Бојкоски од ВМРО ДПМНЕ.
„Свикавме вонредна седница на Советот на Општина Битола на иницијатива на градоначалникот Коњановски со цел да се донесе одлука за доделување на финансиски средства за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Ова е најмалку што можеме да го направиме за нив и им посакуваме брзо закрепнување на сите оние повредени кои што се зафатени со земјотресот. Висината на финансиските средства ќе биде 500 илјади денари што ќе ги оддели Општина Битола, тоа е бидејќи Општина Битола е збратимена со градот Бурса којшто за среќа не е зафатен од овај земјотрес и оние релации коишто ги има Општина Битола со збратимениот град Бурса и Р.Турција траат веќе 28 години и се надеваме дека овие скромни финансиски средства коишто ќе ги доделиме ќе одат на вистинско место“, рече советникот Бојан Бојкоски од ВМРО ДПМНЕ.

Како и во минатото така и денес Општина Битола на дело ја покажува својата солидарност, рече советникот Методија Илиевски од СДСМ.
„ Навистина трагичен настан. Општина Битолка покажала и во минатото солидарности, така треба и овај пат, бидејќи Р.Турција е пријател на Македонија. Општина Битола е збратимена со повеќе градови од Турција, така што оваа одлука е неминовна и мора да ја донесиме за да им помогнеме на настраданирте“, рече Илиевски.
Сочуство до семејствата на жртвите упатија и советниците од Левица.

„Најпрво сакам да изразам сочуство до настраданите од земјотресот во Турција и Сирија, одделуваме средства иако до сега не знаеме колку средства ќе бидат одделени од буџетот на општината“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Советниците вонредната седница ја одржаа на иницијатива на градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателката на Совет Габриела Илиевска. Инаку од Битола од Дирекцијата за заштита и спасување замина тим во регионите погодени од земјотресите. Доколку се појави потреба како што вчера рече градоначалникот Тони Коњановски, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ Битола кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси.












