Ниту едно дете – ученик не смее да остане дома. Сите ученици со попреченост мора да бидат примени во училиштата. Имаме наставници, инклузивни тимови и стручни служби и истите треба да бидат подготвени да ги примат децата, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање околу ангажирањето на образовни асистенти во основните училишта.
„Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти. Досега се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства. Министерството за образование и наука ја заврши својата задача, а конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот. Зошто поставуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски, додаде Јаневска.
Таа напомена дека во тек е потпишувањето на договорите за ангажирање на 815 образовни асистенти, додавајќи дека конкурсот за дополнителните 200 образовни асистенти е отворен за пријавување.
Јаневска очекува проблемот со образовните асистенти да се реши наредната недела.
Каква е состојбата во Општина Битола?
Од општината велат дека Општина Битола во согласност своите надлежности, има обезбедено 13 образовни асистенти за ученици со попреченост кои имаат потреба и имаат доставено барање до општината. Станува збор за 13 образовни асистенти во три средни училишта.
Покрај тоа општината има ангажирано и три лица како фасцилатори во дневен центар за деца од ранливи групи во рамките на ООУ ,,Ѓорѓи Сугарев“ Битола. За основното образование општината не е надлежна. Министерството за образование и наука ја обезбедува поддршката на ученици со попреченост преку ангажирање на образовни асистенти кои треба да помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес.“
Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост, велат од Општина Битола.












