Доајенката на битолски театар, Соња Михајлова добитник на награда за животно дело на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ . Годинава овој фестивал се одржува под мотото „Смеј се и осмели се“, а заедно со Михајлова, добитници на наградата се и актерите Снежана Конеска – Руси и Гоце Тодоровски.

По предлог на НУ „Народен Театар Битола“ актерката Соња Михајлова, доајенка на македонската театарска сцена и долгогодишен член на Народниот театар во Битола, е добитничка на наградата за животно дело доделена од Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. – информираат од Битолски Народен театар.
Ова признание претставува круна на нејзината плодна и инспиративна кариера, која трае повеќе од четири децении.- додаваат од тимот за односи со јавноста.
„…таа ролјата ја гради со студиозност, со прецизност, со нагласени внатрешни емоции и со совршена хармонија која останува во длабоко сеќавање кај љубителите на театарската уметност“. – вели образложението на жири комисијта којашто во 2004 година и ја додели наградата Ристо Шишков. Тоа е карактеристиката на актерскиот профил на Михајлова во сите од претставите што ги играла и игра во својата кариера, без разлика дали се наоѓа на театарската сцена или пред филмската камера или во различните телевизиски проекти во кои учествувала.

„Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене. И ќе бидам овде и тука за живот на Народен театар Битола. Театарот и глумата се љубов што трае како што трае НТБ“, рече Михајлова на годинешното одбележување на 80 годишнината од постоењето на битолскиот театар.
Профилот на театарскиот критичар Тодор Кузмановски за С. Михајлова вели: „, актерка чија сценска поетика се одликува со строгост во изразот, прецизност во разработката на ликовите која фасцинира, стаменост и непоколебливост. Со својата креативност како да застанува наспроти сиот свет како свој предизвикува! Со жар и страст се бори за секој свој лик растајнувајќи го со минуциозна анализа и посветеност. Во нејзината сценска појава се препознава грациозност од архаичен стил, но се чита и суптилност од понов стил кој ја прави погодна и подобна и за современиот, модерен тип на актерска игра…. Истовремено, таа беше првенка на Битолскиот театар, но и една од водечките актерки на македонското глумиште. “

Својата прва актерска награда ја освоила токму на фестивалот Војдан Чернодрински во 1985 година, кога била прогласена за најдобар млад актер, само две години по дипломирањето на Драмски во класата на Љубиша Ѓеоргиевски. Наградите подеднакво доаѓаат и од камерните фестивали и од фестивалите на античка драма, што само по себе говори за широкиот дијапазон на Михајлова во својата способност целосно да се предаде и да го предаде играниот лик на публиката. И тоа во околу 200 улоги што ги остварила.
„Горди сме на тебе Соња. Ти благодариме .Поклон до земја“, пишуваат од Битолски театар.
Наградата на Михајлова и нејзините колеги Снежана Коневска -Руси и Гоце Тодоровски ќе им биде врачена на 59то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава се одржува од 6 до13 јуни. Битолскиот Народен Театар во Прилеп патува со претставата „Црно Семе“, проект поддржан од министерството за култура , а во режија на Андреј Цветановски.













