Координаторот на советничката група на СДСМ, Петар Николовски на прес конференција рече дека пред нецели три месеци се одржаа четири, како што вели тој, т.н. форумски сесии, на кои според општинскиот пи-ар граѓани предлагаа проекти кои ќе се реализираат годинава.
„Во декември лани, Советот го изгласа буџетот на општината за годинава и во него, повторно, се проектите кои Коњановски ги ветуваше пред четири години, како и проектите што ги предложија граѓаните на форумските сесии!
Сега, на неколку месеци до избори, Коњановски повторно бара предлози! Наместо да почне со работа и да реалзира барем нешто од ветувањата, тој упорно ја замајува јавноста.
Нема нов спортски комплекс, нема ново основно училиште во Буковски ливади, нема авантуристичкиот парк, нема ништо од проектите со кои Коњановски ги освои гласовите на битолчани пред четири години! Ништо од ветеното не изгради, а се осмелува да бара нови предлози за кои администрација допрва ќе испитала што може да се реализира!
И ова е најважното што битолчани мора да го знаат! Коњановски и неговите најблиски соработници ја доведоа општината во состојба да не може редовно да ги сервисира своите обврски. Општинската каса е празна, јавните претрпијатија се пред колапс. Сите овие пи-аровски финти на Коњановски ќе завршат побрзо од што се надева. Битолчани ќе го казнат за четирите години пустош во Битола“ вели Николовски.












