Во Центарот за култура во Битола се одржа промоција на третата книга на авторката Соња Георгиевска под наслов ,,Средба со езерата’’. Издавач на ова дело е издавачката куќа ,, Дата Песнопој” од Битола, рецензенти се проф д-р Марија Котевска Димовска, м-р Сања Мучкајева -Видановска и проф. Илија Мерковски. Промотори на настанот – Симеона Павловска и Валентин Дамчевски.
Нашата македонска литература не може да се пофали со дела чија содржина е спиритуална (духовна), но токму ова дело би требало да предизвика голем чекор напред во насока на себеспознавањето и будењето на свеста кај современиот човек.

Претходните нејзини дела – “Мојот божествен пат кон успехот“ и „Остварена мисија”, се резултат на нејзините почетни години во духовниот раст и развој, како и во почетоците на нејзиното духовно трагање и истражување.Соња го споделува нејзиното лично искуство од секојдневното живеење низ призмата на духовноста, односно скалилата на развој на нејзината душа преку различните животни прилики и неприлики. Авторката верно го одсликува духот на нашето општество во ова време на сѐ побрзо и побрзо будење на свесноста. Патоказите што ни ги остава во нејзините дела, отвораат порти за нови можности во креирањето на животот.
Во третата книга на авторката Соња Георгиевска, веќе започнатиот пат кон нејзиниот духовниот развој, ја однесена нови возбудливи езотерични патувања и доживувања, во потрагата за нови духовни информации од оној невидлив, а сепак реален свет со кој контактираат и комуницираат редок број на луѓе.

“Средба со езерата“ има специфична содржина и претставува спој на научното со спиритуалното, што претставува прво и единствено дело на овие простори.
„ Вредноста на ова одлично литературно дело е во моќта да пробуди свесност кај читателот за непроценливата вредност на езерските води и духовна почит кон трансформативната моќ на езерските ресурси за духовна еволуција, внатрешен мир, алтруистичка љубов и длабоко почувствувана самодоверба. Во вечниот мир на тивките езера секој човек може, барем за миг, да доживее благословено ослободување од грижите и да ја пробуди мудроста на благородност, спокој и љубов“, истакнува проф.д- р Марија Котевска Димовска.
„Екстрасензитивноста на авторката во ова нејзино ново дело и високата духовна комуникација со знаците кои ретко кој ги забележува, се исто така патоказ на читателот и иницијалната каписла за секој оној кој ќе ги чита овие страници, но и кој подлабоко ќе навлезе во сржта на овој само навидум “обичен дневник”. Доживувањата на таа екстрасензитивност и поврзувањата со езерата на еден специфичен духовен начин отвора нови врати на едно поинакво размислување за природата околу нас“, вели м-р Сања Мучкајева Видановска.
Уредникот, издавачот и лекторот на ова дело, професорот Илија Мерковски додава: “Соња Георгиевска во своето најново дело СРЕДБА СО ЕЗЕРАТА покрај откривањето на беспрекорната убавина на вештачките и природни езера во Македонија ни го нуди сопствениот трепет за сетилното, чувственото и имагинарното доживување при средбата со нив. Таа е во постојан контакт, преку крилјата на вознесот, со моќта на спиритуалната врска со водата, односно со проблеснатиот свет на езерото крај кое се наоѓа.
Книгата “Средба со езерата“ би дала голем придонес во македонската литература бидејќи претставува единствена книга која во себе ги содржи податоците за секое езеро, собрани на едно место, а воедно навлегува и во високите сфери на свесноста, невидливото, спиритуалното, имагинарното.












