ТЕРА

REKLAMA???

Стратегија за развој на женско претприемништво или за измама?

Зад секој помпезно најавен општински проект, обично се крие истата македонска реалност: разочарување, личниапетити и добро подмачкана партиска машинерија. Формирањето на Советот за женско претприемништво во Битола требаше да биде светла точка, искрена рака за поддршка на жените кои со мака, труд и личен ризик градатсопствени бизниси во овој град. Наместо тоа, првиот голем стратешки документ за развој на женското претприемништво во Битола открива можни инсајдерски амбиции и хируршки прецизни тендери.

Првиот апсурд се крие во фактот што изработката на стратегијата за развој на женското претприемништво во Битола е доделена преку јавна набавка која Општина Битола ја платила 336.000 денари, со ДДВ. И покрај тоа што на чело на самиот Совет за женско претприемништво во Битола се наоѓа врвен експерт во областа, доктор по менаџмент и професор кој секојдневно ги предава токму овие теми, документот го изработи агнеција која досега немала допирна точка со оваа проблематика. Моника Марковска, заедно со колешките од ова советодавно тело, без сомнение има капацитет и знаење овој стратешки документ да го изработи про боно, односно целосно бесплатно за својот град. Впрочем, општината не е имуна на вакви иницијативи. Советот на Општина Битола на чело со Бојанче, редовно донесува одлуки и со задоволство прифаќа разни донации од приватни компании, како на пример готови технички проекти и документации во областа на урбанизмот.

Но, наместо тоа, општината одлучи да искешира над 330.000 денари од џебот на граѓаните. Договорот го добива скопската агенција Маркет Висион. Нивната понуда изнесува точно 336.300 денари со ДДВ, цифра која до денар, се совпаѓа со максималниот лимит што Општината го предвидела во буџетот.

Удар врз искреноста на оваа приказна доаѓа и од внатре. Меѓу трите понуди за општинските пари, се појавува и Здружението за социјални иновации ВР ЛАБ Битола. Негов претседател е проф. д-р Моника Марковска, истата личност која го води Советот во име на сите претприемачки. Наместо да биде заштитник на процесот, претседателката преку своето приватно здружение директно се впушта во трка за општинските пари. Општината, пак, наместо веднаш да реагира на овој очигледен судир на интереси, општинските служби ја примиле и ја евалуирале нејзината понуда. Зад волонтерскиот активизам, Општината дозволила да се развие мирис на личен профит.

Одлуката на општината да ја избере Маркет Висион е уште поскандалозна ако се имаат во предвид податоците од Електронскиот систем за јавни набавки каде нема ниту еден единствен податок дека оваа агенција некогаш во своето постоење изработила сличен стратешки документ. Маркет Висион во македонската јавност е препознатлива по мерење на рејтинзи и испитувања на јавното мислење, па оваа стратегија за Битола веројатно е нивното професионално „првенче“. Дополнително, во договорот што го потпишале Тончи и Маркет Висион, општината му дала на изведувачот само 60 денови да ја скрои иднината на жените претприемачки во Битола за наредните четири години. Во два месеци се чини дека е физички невозможно да се направат длабински анализи на терен и да се понудат вистински мерки. Но, …

За потсетување, сопственикот на агенцијата, Владимир Цветиновски, има долгогодишна, длабока политичка поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ, партијата во која член е и градоначалникот Тончи што го потпиша овој договор.

Оваа матна ситуација со право ја става под голем знак прашање искрената намера и на општината и на самиот Совет за женско претприемништво навистина да направат нешто корисно за жените во градот. На крајот, како и секогаш, граѓаните на Битола платија за нешто што изгледа како инстант-документ, купен набрзина. Дали документот ќе донесе нови можности за жените претприемачки од Битола или ќе биде само уште еден отпад во бунарот залудно потрошени пари, останува да видиме.

 

Фотоградијата е превземена од Совет за женско претприемништво на Општина Битола