Истакнатиот македонски актер Тони Михајловски е годинашен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.
Со повеќе од три децении богато творештво, бројни уметнички остварувања и автентичен актерски печат, Тони Михајловски се вбројува меѓу највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена. Неговиот творечки пат е обележан со исклучителна сценска енергија, силен темперамент и ретка способност за преобразба.
Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот придонес во македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“.
Признанието му припадна на актер чии улоги не исчезнуваат со последниот аплауз, туку остануваат во колективната меморија и претставуваат трајна вредност на македонската култура.












