Американскиот претседател Доналд Трамп ја потврди веста која ќе одекне низ целиот свет: САД извршија „голем напад“ врз Венецуела, а резултатот од операцијата е апсењето на Николас Мадуро.
По утрото исполнето со експлозии, чад и борбени авиони што летаат над Каракас, Трамп го прекина молчењето и ја откри целта на воената операција.
Американскиот претседател изјави дека Николас Мадуро, долгогодишниот лидер на Венецуела кого Вашингтон го обвинува за наркотероризам и узурпација на власта, е фатен.
Трамп додаде уште еден клучен детаљ -Мадуро не само што е уапсен, туку веќе е изнесен од земјата заедно со неговата сопруга (Силија Флорес). Локацијата на која се префрлени засега не е откриена.
Овој потег е кулминација на долгогодишниот притисок на Вашингтон врз Каракас. За потсетување, Николас Мадуро беше обвинет во американски суд во 2020 година по обвинение за наркотероризам, корупција и трговија со дрога, а Стејт департментот потоа понуди награда од 15 милиони долари за информации што доведоа до негово апсење.
Во своето соопштение, Трамп рече дека ќе даде повеќе детали за историската операција, која е преседан во современите меѓународни односи, на прес-конференција.
Конференцијата е закажана за 11:00 часот (локално време) во неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида. Се очекува да се открие каде се однесени Мадуро и неговата сопруга, како и детали за евентуални американски или венецуелски жртви во пучот.
Оваа потврда ги објаснува драматичните сцени што се одвиваа рано утрово во Каракас. Светските агенции објавија експлозии во близина на големи воени бази и прекин на електричната енергија на југот од главниот град. Сега е јасно дека нападите веројатно биле во поддршка на специјална операција за извлекување или заробување на венецуелскиот лидер.
Се очекуваат силни реакции од Венецуела, каде што владата на Мадуро претходно прогласи „вооружена борба“, но, и од остатокот од светот, со оглед на тоа дека ова е невиден чин на отстранување на шеф на држава преку воена акција од страна на странска сила.













