Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ги коментираше обвинувањата на битолската ВМРО ДПМНЕ околу изборот на директор во градинката „Естреја Овадија Мара“ во Битола.
„Секој во оваа држава треба да знае дека законите мора да се почитуваат. Законот за детска заштита кој што го регулира правото на избор на директор во градинките мора да биде почитуван од сечија страна. Самоволието на општините и на претставниците од основачите од општините во детските градинки е недосволиво и јас како министер тактви однесувања нема да трпам. Моето работење е согласно закон, и мене како министер приоритет ми е почитувањето на законот и носењето на одлуки, од орган кој што е надлежен за да ја носи таа одлука. Управниот одбор во градинката значи си донел одлука, градоначалникот треба да ја почитува. И затоа се случува одземање на ингеренциите во неколку општини, токму поради самоволието на локалните самоуправи. Треба да го земеме во предвид интересот на децата, политиката да се стави настрана, детската заштита не сака инволвирање на политика и политички партии внатре, туку бара почитување на закони. Постапките си одат согласно закон во детската градинка, така и ќе продолжат, затоа што онаму каде што ќе има прекршување на законот таму јас лично ќе реагирам“ вели министерката Тренчевска.
Ја прашавме и за повикот на градоначалникот на Битола, Владата да го следи примерот на Битола, за постигнатиот договорено за линерно зголемување на платите на вработените во јавните претпријатија во висина од 2806 денари од месец август и исплата на регрес за годишен одмор согласно законската регулатива.
„Социјалниот дијалог помеѓу владата и ССМ не е прекинат, тој и понатаму продолжува. Ние понудивме она што е решение прифатливо во овие услови за владата, меѓутоа синдикатот не се согласи, односно тој се согласи со предлозите, но дополнително сакаше 2806 денари за секој вработен во јавниот сектор. И на градоначалникот на општина Битола и на сите останати гардоначалници и на граѓаните ќе им порачам да направат разлика помеѓу работодавач-влада и работодавач-локална самоуправа. Јавните претпријатија, вработените во општинската администрација, на сите овие не им е работодавач владата, работодавач им е локалната самоуправа. Ако градоначалникот, не градоначалникот, со финансиите располага Советот и советот носи одлуки, ако Советот смета дека ликвидноста на јавните претпријатија е добра, дека се во добра финансиска состојба нека зголемат финансии, нека ги зголемат платите, меѓутоа да не се случи, бидејќи сите општини преку ЗЕЛС бараат финансиски средства од владата за да ги поддржи за да се ублажат енергетските шокови и да можат функционално да работат и локалната самоуправа и сите оние институции кои што се под ингеренции на локалната самоуправа. Така што ако имаат градоначалниците, општината си има сопствен буџет, ако имаат средства во буџетот, само да не е популистичка мерка, после во септемрви и кога ќе дојде зимата да не знаат што ќе прават со греењето во училиштата, па и во детската заштита, затоа што тие се основачи и на училиштата и на градинките и во јавните претпријатијата, па повторно да бараат пари од владата за да ги покријат своите долгови, а тие да спроведуваат популистички мерки со покачување на платата од 2806 денари“ вели министерката Тренчевска.












