Во битолската Магаза се отвори третата изложба на Тони Соколов насловена „Триптих“. Оваа е трета по ред во три години, на која се изложени 30 дела изработени по различна инспирација којашто ја имал уметникот и професор на ликовна академија во Австралија.

Ако важи мислата дека „Инспирираните прават големи работи“, тогаш „инспирацијата најдена во секојдневното битие“ е уште поголема. Синоќа битолската публика ја доживеа инспирацијата на уметникот кој е лист од нашава гора, ама сликарството го изучи во континтентот многу далеку од тука. Тони Соколов или Солза.

„Триптих – се работи за три различни делови на оваа изложба. Имаме слики кои се инспирирани од икони, тие ги изработив лани овде во Битола, а сите други дела се изработени во студио во Автстралија. Цвеќињата се инспирарни од мојата градина и се скици за многу поголеми слики кои ги изработив за балетската куќа во Бризбејн. Тоа се 14 огромни платна – дим 3метри на 1,5 м. И, пејсажите се инспирирани од една посета во Мариово. “ – рече Соколов за медиумите.
Понудените дела се различни, а тоа пак ја пр етставува истражувачката природа на авторот. Сосема различна од користењето на едни те исти бои, една те иста техника.
„Немам некој мир и постојано ме интересираат други работи, други техники, други мотиви. И заради тоа се различни , ама сите се поврзани во тоа дека јас сум тој што ги изработил и тоа е таа врска што се движи низ сите слики.“ – вели уметникот.
Соколов во моментов е поврзан со балетската куќа во Бризбејн, за кои треба да изработи 14 дела, нешто што за многумина претставува слика на успешен ликовен уметник. Соколов пак значајност му дава на својот самостоен пат низ сликарството.

„По биографијата јас првата изложба ја имав во џамијата (Уметничка галерија Јени Џамија” н.з) кога имав 14 години. Значи пред 50 години, комотно можам да речам дека баш сега е отприлика 50 години од почетокот на мојата ликовна кариера. Во Австралија завршив Академија, потоа пост-дипломски студии па докторирав. Во ртоа време, од постдипломските до многу години подоцна, скоро десет години работев како професор на академијата во Сиднеј – Cydney College of the Arts. “

Низ уметничниот живот врви и со изработка на енормно големи бронзени скулптури кои однапред се продадени. Па, говорејќи за нешто флуидно како инспирација, ја наметнав и темата успех – дали се смета успешен уметник?
„Дали сум успешен…(?!) Не знам. Дали сум популарен? Сум релативно популарен. Дали некои луѓе сметаат дека сум најголем уметник на светот? Да ! – ни рече низ насмевка Тони Соколов.

Тера: Каков е односот на Македонија кон Вас?
Тони Соколов: Македонија главно ме прифаќа убаво. Како може да видите, ме прифаќа убаво. Секое отворање беше големо.

Тера: Ова е Битола што Ве прифаќа и Ве слави, што е со Македонија како држава?
Тони Соколов: Со Македонија како држава, не знам, немам пробано да изложувам надвор од Битола, не знам зошто. Главно кога доаѓам тука сум на 6-8 недели и тоа е релативно мал период да зборувам со други. Пред многу години им понудив на Националната галерија во Скопје да отвориме изложба за скулптури, тогаш главно работев само скулптури, меѓутоа патот ме однесе на друго место и не се вратив доста долго. “

Делата ги носи од Австралија, ги опремува, ги изложува. Привилегија е да се застане пред делата на значајни ликовни уметници како Тони Соколовски, делата пленат со мотивот, па иако инспирацијата била икона тоа се мајки со деца, тоа се осмислени ликови со интелектуална порака – рече воведничарот во изложбата адвокатот Никола Главинче. Директорот на Завод и Музеј пак, Зоран Николовски, кој ја отвори изложбата потсети на иконографското значење на поимот Триптих, како три отвори преку кои Богородица го гледа Спасителот и на Дон Кихот кој до себе ги имал најголемите светски интелектуалци во тоа време кои му кажувале кои книги да ги читаат. Така ја препорача изложбата, којашто во битолската магаза ќе биде отворена до 13 овој месец.
Тера: Што би им порачале на младите уметници?
Тони Соколов: (низ радосна насмевка) Да не се срамат, како мене.













