Универзитетот Св. Климент Охридски го одржа натпреварот по ораторство, УКЛО ТРИВИУМ. Учествуваа 7 натпреварувачи, а беа прогласени тројца најдобри кои за својот труд и ораторска способност освоија и парична награда.
„Кој кажува што, кому со помош на кој медиум и со која цел“ – вели Википедија дека е едностaвното објаснувaње на елементите на говорништвото. А кога и дијалектиката и граматиката ќе се присоединат, тогаш има Тривиум или реторика.
Дали е ова до крај вака, со оглед на изворот на информации – во моментов не е најважно, важно е дека го започнавме телевизискиот прилог за традиционалниот натпревар во говорништво што го реализира универзитетот Св. Климент Охридски, а го организира Универзитетското студентско собрание на УКЛО.

„Навистина ни е задоволство што го правиме овој натпревар, задоволството е уште поголемо да ги слушаме нашите колеги како говорат, УСС е секогаш тука да ги поддржи во нивните лидерски и ораторски вештини и ќе продолжи да ги поддржува и во идинна“ – рече Димитар Атанасовски, претседател на УСС.
Традиционалната манифестација има свои победници кои продолжуваат на регионални, национални и меѓународни натпревари за ораторство и, овие од УКЛО добиваат награди. Ректорот проф.Д-р Игор Неделковски денеска беше најпрвин горделив ….
„Имам задоволство да се пофалиме дека оние што ќе ги избереме како најдобри за ораторство потоа на државниот или регионалните натпревари освојуваат некое од оние наградени места, прво, второ. Голема благодарноста на студентите, оваа активност ја организираат од Универзитетски студентски сојуз, но исто така и на професорите и професорките кои им се ментори на студентите и ги обучуваат за ораторските вештини.“
… а потоа ректорот Неделковски беше во исчекување на говорите…

„Па темите се тајна, барем за мене, ги знаат само студентите и нивните ментори. Имаме и жири комисија составена од реномирани професорки и професори од областите поврзани со ораторството и тие ќе ги оценат и темите но и самиот израз, говор итн. И јас очекувам да видам.“
„Нема специфична тема, слободен избор е, не сакаме да ги ограничиме студентите бидејќи сметаме дека треба да се искажат како што треба. Слободен избор, ќе зборуваат на темите кои тие ги сакаат, за нивни општествени, социјани проблеми, можеби и проблеми што ги имаат како студенти и особено проблеми што ги имаат младите во нашето општество.“ – објасна Димитар Атанасовски.
Говорниците ги започнаа своите беседи. Истиот извор од почетокот на прилогот вели „Постои клучна разлика помеѓу она што се нарекува говорништво, беседништво или ораторство и она што се нарекува реторика“ – според наводниот цитат од книгата „Риторика“ на М. Л. Гаспаров и дообјаснува „беседништвото се однесува на конкретната изведба, практичното остварување на беседата, додека реториката се однесува на теориското обмислување на говорништвото.“

Ова претходното и, моќта на убедување и создадена слика од говорниците им беше важно на трите членови на жири комисијата – универзитетските професорки Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет, Изабела Филов од Високата медицинска школа и Снежана Саламовска од Економскиот факултет во Прилеп.
А тие одлучија , Ана Анастасова од Педагошкиот факултет да го освои првото место, Теодора Христовска од Економскиот факултет – второто, а Дарко Трпковски од Правниот факултет – третото место. Освен ловорики, Универзитетското студенстко собрание обезбеди и парични награди, 15.000 ден, 10.000ден и 5.000ден, редоследно.
Од победниците секако се очекува, или како што налага традицијата, да учествуваат и на други натпревари со други универзитети.












