Украинската војска ги потиснала руските сили од стотици градови и населени места во североисточниот дел на земјата, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека била во тек стабилизација на ослободените области.
Зеленски во своето редовно обраќање рече дека Украина целосна контролира повеќе од 4.000 квадратни километри територија што беше вратена од руските сили и дека стабилизира уште 4.000 квадратни километри.
Само еден ден претходно Зеленски наведе дека Украина повторно зазеде 6.000 квадратни километри во нејзината неодамнешна контраофанзива на североисток, каде што беа вратени десетици области, вклучувајќи ги градовите Изум, Купјанск и Балаклија.
Русија соопшти дека изведува напади преку линијата на украинскиот фронт и ги обвини украинските војници за злоупотреба на цивили во повторно заземените територии.
Кремљ соопшти дека не планира да објави целосна или делумна мобилизација во Русија, откако руските сили претрпеа загуби и изгубија територии во регионот Харкив во Украина по контраофанзивата на украинските сили.
„Во овој момент не, нема разговори за такво нешто“, рече денеска портпаролот на Кремљ Дмитри Песков одговарајќи на новинарско прашање.
Тој исто така рече дека секоја критика за руските воени претставници поради неодамнешните украински успеси во регионот Харкив може да се прават само „во согласност со актуелната легислатива“.
Тој алудираше на законот донесен во март, неколку дена по почетокот на руската агресија врз Украина со кој се забранува критикување на инвазијата.












