Украински воен командир од опколената челичарница упати очаен повик за помош до најбогатиот човек на светот, Илон Маск. Украина на Русија ѝ нуди размена за бранителите од Мариупол, пишува Дојче Веле.
Волина, чија единица со недели е под опсада во фабриката за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол, додава дека отворил профил на Твитер специјално за да му се обрати на Маск.
„Велат дека доаѓате од друга планета за да ги научите луѓето да веруваат во неможното. Нашите планети се една до друга, јас живеам онаму каде речиси е невозможно да се преживее“, пишува Волина. Тој упатува повик „до секој човек на планетата Земја“, да придонесе за Маск да го чуе неговиот апел.
Ситуацијата на опколените борци во Азовстал е драматична. Во подземните тунели се наоѓаат, според украински извори, преку илјада борци, последните бранители на стратешки важното пристаниште, над кое, освен челичарницата, контрола презеде руската војска.












