Kраткотрајниот но интензивен дожд ги предизвика старите проблеми на жителите на улицата Kозјак, во населбата Баир. Домовите пак им се поплавија, се бореле со надојдената вода до раните утрински часови, долго откако дождот престана да врне.

За жителите на улицата Козјак, секој поголем дожд носи иста слика-вода во домовите и борба со последиците. Овојпат водата не застанала пред дворовите, туку влегла во куќите, во спалните соби и во просторите каде штотие живеат.
Од поплавените домови водата се црпела до три часот наутро. Денеска,сите имаат нова задачa- сушење на мебелот, чистење на просториите, спасување на она што може или вреди да се спаси. Велат дека проблемот не е нов. За состојбата, како што раскажуваат, повеќепати било пријавувано и барано решение, но наместо трајна санација, секој нов дожд повторно ги враќа на почеток.
Причината, според жителите, е старата канализациска мрежа која со години создава проблеми. Ттврдат дека канализацијата била покриена со асфалт, па морало дополнително да се сече коловозот за да се стигне до системот за да се исчисти. Сепак, од достапните податоци на интернет неможе јасно да се каже кога последен пат имало целосна реконструкција на оваа улица, ниту канализационата мрежа на овој дел од градот.

Проблемот велат не е само во затнатите цевки. Каналот кој треба да ја собира водата од целата населба, велат жителите, нема доволен капацитет. Целата населба е приклучена на мала цевка која не може да го прими количеството вода при поголеми врнежи.
Резултатот е најчесто познат: додека врне, улиците и домовите се полнат со вода, а потоа таа постепено се повлекува. Но останува друг проблем кој трае и кога нема дожд. Непријатната миризба од канализацијата! Денеска беше измешана со мирисот од ручекот на домаќинките кои се подготвуваа за попладневен, заслужен одмор.

Жителите велат дека пред две години повторно алармирале за проблемот. Им било ветено решение, меѓу другото и проширување на канализациониот систем од улица10та кон ширинката кај „Скуберни“. Но, еве и денеска, еве досега, чекаат реализација.
Денеска, додека помошните простории повторно се претвораат во привремени места за живеење, жителите се надеваат дека главниот канализационен канал конечно ќе стане реалност.
За жителите на населбата и улицата Козјак, дождот не е природна појава, туку предупредување дека уште еднаш ќе треба да вадат вода од домовите. Прашањето што останува е колку уште врнежи треба да поминат пред проблемот да биде решен, наместо само повторно пријавен?












