Утре во 17 часот ќе има протест пред Клиничката болница во Битола поради смртта на новороденчето, како и смртта на малата Јана.
„Ќе носиме сирена ќе ја вклучиме а потоа ќе одадеме една минута почит за сите прерано заминати чеда, родители и пријатели и ќе си отидеме… нека сирената ја означи АЛАРМАНТНАТА СОСТОЈБА во Клиничка Болница-Битола, а молкот нека биди за наш потсетник за тие на небесата, оти сите НЕМО седиме и чекаме промените од небо да паднат, а не ние да ги створиме час поскоро за да спасиме нечии живот !, најави Игор Петковски, кумот на Јана.

Вчера министерот за здравство Фатмир Меџити по информацијата за починатото новороденче ја посети клиничката болница во Битола да види што се случило. За медиумите изјави дека според првичниот извештај, бебето било живо родено со брадикардија и имало белодробно срцево оживување.
За денес најави вонреден инспекциски надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за да се утврдат причините за смртта на новороденчето. Ваков инспекциски надзор имаше и по смртта на 6 годишната Јана кога од страна на инспекторите не беше утврдена лекарска грешка при лекувањето. Сеуште се чекаат резултатите од обдукцијата.
По двете трагедии директорот на Клиничката Болница Др.Александар Обедниковски синоќа најави дека во текот на денешниот ден и официјално од како што вели морални причини ќе поднесе оставка на функцијата директор на Клиничката Болница во Битола.












