Утре на седница на Владата ќе бидат замрзнати цените на оризот и јајцата согласно цените што биле во текот на овој месец, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
„Тоа нема да биде денешната цена, туку тоа ќе биде една од цените од март, но нема да ја кажам со цел да не можат трговците и производителите да се подготват“ рече Бектеши.
За тоа дали може да се случи земјата да се соочи со поголем извоз на јајца во пресрет на велигденските празници, Бектеши беше дециден дека иако во регионот Македонија има најевтини јајца, сепак, се многу внимателни како Министерство и потврди дека зголемување на цените и недостиг на овие производи за Велигден и Бајрам никако нема да има.
Во однос на најавите за замрзнување на цените на шеќерот и за брашното, министерот за економија кажа дека засега нема да се носат мерки за овие производи.
Бектеши рече дека за наша среќа за една недела имаме намалување на нафтените деривати и дека тој тренд ќе продолжи. Прогнозира дека цената на дизелот ќе биде под 75 денари.












