Четири експлозии се регистрирани утрово во украинскиот главен град Киев, при што е погоден станбен комплекс во близина на центарот на градот, предизвикувајќи пожар, јавија западни медиуми.

Експлозиите се случија околу 6:30 часот по локално време, половина час откако се огласија сирените за воздушен напад во главниот град.

„Неколку експлозии се регистрирани денеска наутро во украинскиот главен град Киев, по што итните служби се распоредени во градската област Шевченко…Во две згради во тек е спасување и евакуација на жителите“, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

Антон Херашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, напиша дека сведоци пријавиле ракетни напади.
Главниот град на Украина не е цел на руско бомбардирање речиси повеќе од еден месец.

Вчера, Украина објави дека руските сили „целосно го окупирале“ клучниот источен град Северодонецк, по неколку недели жестоки борби.

Така, Русија го контролира речиси целиот регион Луганск и поголемиот дел од соседниот Доњецк, два региони кои го сочинуваат огромниот индустриски комплекс Донбас.












