Битола дава две женски суперлигашки екипи, Феникс АМС и ЖРК Пелистер, а идејата на ракометните работници во градот на конзулите е обединување на битолскиот женски ракомет.
По овој повод, Феникс АМС се огласи со соопштение. Во него се вели следното:
„Почитувани, Ракометниот клуб Феникс АМС Битола е клуб со традиција долга 24 години. Огромен број на ракометари и ракометарки поминаа низ школите и натпреварувачките екипи на Феникс АМС. Клубот и во машка и во женска конкуренција има постигнато одлични резултати на домашен и на меѓународен план. Оптимална кадровска екипираност (тренери, лекари, физиотерапевти, психолози), сопствени клубски простории, издавачка дејност, научно истражувачка работа, соработка со УКЛО и УКИМ, три веб страниви и ФЕНИКС ТВ канал се само дел од перформансите со кои располага Феникс АМС.
Во изминатиот период од повеќе релевантни фактори добивме предлог за спроведување на постапка за обединување на битолскиот женски ракомет. Во оваа прилика сакаме да ја информираме јавноста дека РК Феникс АМС Битола ја поддржува оваа идеја и не е пречка за нејзина реализација. Мораме да напоменеме дека основата на обединувањето треба да се базира на принципот „чиста сметка – долга љубов“, впрочем ракометна Битола веќе имаше реализација на ракометна платформа во машкиот ракомет чија основа тргнуваше од горе споменатиот принцип”.












