Во време на брза мода, кога облеката се носи само година или две, Милица Маринковиќ, модна дизајнерка од Белград, изработува фустани од лименки.
На овој начин таа нуди решение за искористените лименки од сокови и пива. Наместо да завршат како отпад, кој често се фрла неконтролирано и ја загадува природата, добиваат нов живот во една иновативна форма.
Овие фустани се резултат токму на таквата идеја, која ја комбинира уметноста, одржливоста и рециклирањето. Во време кога светот се соочува со сериозен проблем од преголеми количини текстилен отпад, овој пример покажува дека модата и екологијата можат да одат рака под рака.
Српската дизајнерка со својот проект „Еколошко модно огледало“ влегува во улога на едукатор, активист и уметник кој се залага за чиста животна средина.
Во фустаните кои ги изработува употребува веќе искористен текстил, демонстрирајќи како од старото може да настане нешто ново и функционално. Овој пристап не е само тренд, туку и одраз на глобалната потреба за одржливост.
„Модната индустрија претставува голем товар за планетата, затрупувајќи ја со огромна количина неквалитетен текстил. Сe е направено за брзо да се потроши, а луѓето повторно да побрзаат во бутиците и да купат нова облека. Затоа, мојата цел е преку уметност да ја подигнам свеста за овој проблем.“, вели дизајнерката.
Наместо да купуваме и фрламе, одговорно да рециклираме, апелира таа.













